Притвор за кумановецот кој имал бункер со оружје, засега не се поврзува со „Беланоца/Барон“

Јавното обвинителство побара, а судот му одреди триесетдневен притвор на кумановецот кој бил сопственик на огромното количество оружје што беше пронајдено на територијата на општина Арачиново, поточно покрај локалниот пат од село Орланци кон село Никуштак.

Засега, автоматските пушки, пушкомитралезот и големата количина муниција кои беа најдени по апсењето на членовите на групата „Беланоца/Барон“ предводена од Фатљум Ајети Тоте, не се поврзуваат со оваа група.

-Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 29-годишен жител на Куманово, кој заедно со други засега непознати лица, во канал покрај локалниот пат меѓу селата Орланци и Никуштак криеле поголемо количество огнено оружје и муниција. Полицијата, на 18 декември, покрај коловозната лента до пластичен столб за светлосна сигнализација означен со лименка, пронашла пушкомитралез, десетина автоматски пушки, рамки и поголем број куршуми кои на граѓаните им се забранети и за чие поседување цивилните лица не можат да добијат дозвола. Со дополнителни истражни дејствија по наредба на јавен обвинител откриени се материјални траги кои даваат основано сомнение дека токму овој осомничен и уште неколку други лица на чија прецизна идентификација се работи, недозволено го држеле оружјето на наведената локација, соопшти Обвинителството.

Давесет и деветгодишниот кумановец, со иницијали Х.С., за кого телевизија Телма објави дека му бил син на поранешниот тутунски бос од Куманово, Бајруш Сејдиу, бил уапсен при обид да замине за Косово, на граничниот премин „Долно Блаце“.

-На 29.12.2024 Х.С. е лишен од слобода на граничниот премин Долно Блаце, а од страна на Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје поднесена е кривична пријава по итна постапка и на 30.12.2024 од судија на претходна постапка му е изречена мерка 30-дневен притвор, соопшти МВР.

Паралелно со ова се води истрага кој од Министерството за внатрешни работи ја пробил полициската акција „Бункер“, за што во полиција беше повикан синот на поранешниот заменик-министер за внатрешни работи, Назим Буши.

Претходна вестМакедонија ќе биде повторно ваша, порака од премиерот Мицкоски во новогодишната честитка
Следна вестСпахиу нов фудбалер на Вардар