Протест пред дирекцијата на ЈСП „Скопје“ во Автокоманда од утринава одржуваат дел од приватните автобуски превозници во Скопје. На протестот ќе се бара средба со директорот на ЈСП, а се подготвуваат и барања за средби во Град Скопје и до Владата. Како што информираше Милорад Димитријевски, еден од сопствениците на „Макекпрес“, на протестот уште еднаш ќе ги побараат средствата што им ги должи ова јавно претпријатие. Тој додаде дека минатата недела на „Слобода превоз“ им биле префрлени само 5.000 денари, додека на „Макекспрес“ од 02.11.2022 година кога било последното исплаќање не им било даден ниту денар.
Инаку Приватните превозници во ноември 2022 година престанаа да бидат дел од градскиот јавен превоз поради долгови што бараа да им бидат исплатени од Град Скопје. Кон крајот на ноември и почетокот на декември со повеќе од 300 автобуси паркирани на клучните крстосници го блокираа главниот град. Во меѓувреме градските власти ги отфрлаа наводите дека им должат пари.
Град Скопје објави два јавни огласи за пакет линии во јавниот градски превоз, откако го раскина договорот со приватните превозници, кои го блокираа центарот на Скопје барајќи Градот и ЈСП да им го исплатат долгот од 1,5 милиони евра. И на двата огласи, не се пријави ниту еден заинтересиран. Во моментов, јавниот градски превоз го врши само ЈСП со помалку автобуси отколку што му се потребни на градот.