Приватните превозници се договорија со Арсовска, таа сега била „светло во тунелот“…

Приватните автобуски превозници постигнале устен договор со скопската градоначалничка Данела Арсовска околу нивното враќање на градските линии и исплата на долгот кон нив од околу 1,5 милион евра. На денешниот состанок е постигнат договор Градот да отвори нов јавен повик за сите линии кои ги покриваа и да се вратат на скопските улици до 20-ти март.

-Градоначалничката ни помогна, ни го покажа патот, претходно бевме заглавени, не можевме да се договараме, но само со два состаноци со неа успеавме да ги договориме сите детали. Сакам да изразам голема благодарност до градоначалничката Арсовска, конечно се појави светлото во тунелот во кој што бевме. Се враќаме повторно на работа, радост за сите нас, радост за сите наши семејства, се враќаме на работа, ќе имаме егзистенција, но ќе биде радост и за граѓаните, бидејќи повторно ќе имаат редовен јавен превоз, изјави Јовица Здравсковски, претставник на превозниците.

За тоа, зошто разговорите со Град Скопје биле толку долго во ќорсокак, новиот преговарачки тим на превозниците, прстот го впери во нивните претходници.

-Тие цело време нас не лажеле, ни се заканувале, ако одите сами да преговарате ќе останете на улица, а буквално тие не оставале нас на улица, со едно барање до градот, градоначалничката одма прифати, разговараше со нас, чесна, сакаше да ни помогне и сето тоа го прави за Скопје, за граѓаните, ние бевме манипулирани од луѓето што не водеа до сега, рече тој.

Според договореното треба да се објават три јавни повици, односно три пакети со кои ќе бидат опфатени сите линии, меѓутоа, со нова прераспределба, а тие на огласите ќе се јават со нови фирми, а не организирани преку „Слобода превоз“ и „Макекспрес“.

Приватните превозници во ноември 2022 година престанаа да бидат дел од градскиот јавен превоз поради долгови што бараа да им бидат исплатени од Град Скопје. Кон крајот на ноември и почетокот на декември со повеќе од 300 автобуси паркирани на клучните крстосници го блокираа главниот град

Претходна вестПреклани имало 747 нови случаи од рак на дебелото црево, се позагрозени и лица под 40 години
Следна вестЛесна победа на нашата тенисерка Ѓорческа