Бившиот премиер на Бугарија и лидер на ГЕРБ Бојко Борисов синоќа е уапсен од полицијата во врска со големата полициска акција „ Банка“. Борисов е изнесен од својот дом со црно полициско возило откако претходно неколку часа правеше претрес во неговата куќа.
Апсењата и претресите се прават и кај поранешниот министер за финансии Владислав Горанов, поранешната шефица на парламентарната комисија за буџет Менда Стојанова и нивната советничка за односи со јавност на Борисов, Севделина Арнаудов.
Полициската акција, под името „Банка“ се спроведува по налог на европското обвинителство, а поранешните функционери се сомничат за злоупотреба на европските фондови во 120 случаи.
Големата акција ја потврди и премиерот Кирил Петков кој на Фејсбук напиша „Никој не е над законот“. Петков информира дека и тој бил сослушан од полицијата.
Од бугарското МВР посочија дека „акцијата е итна“, што значи дека обвинителството не било известено за тоа. Адвокатот на поранешниот премиер Менко Менков изјави дека неговиот клиент не знае зошто е приведен.
– Борисов не знае зошто е приведен. Куќата на Севдалина Арнаудова е претресена и најверојатно и таа ќе биде приведена, рече адвокатот.
Менков потенцира дека против Борисов не е покренато обвинение.
– Беше извршен итен претрес без дозвола на судот. Ќе биде задржан во полиција 24 часа. Постапката трае од 17 март и не ми кажаа за што се работи, нагласи адвокатот
Бугарското обвинителство засега не е вклучено во акцијата.
Претходно, адвокатот на Борисов, обвини дека не може да контактира со својот клиент.
Пред домот на Борисовсиноќа се собраа граѓани и пратеници на ГЕРБ. Тие го обвинуваат Петков и полицијата за монтиран случај против лидерот на ГЕРБ и дека во ова се прави политички притисок врз партијата.
Според бугарските закони, полицијата има право да задржи некого до 24 часа, потоа е потребно да се вклучи обвинителството, кога може да биде приведен и до 72 часа. За задржување подолго од тоа време потребна е судска наредба.