Вкупно шест лица се приведени по синоќешниот инцидент во Градската општа болница „8 Септември“ откако се заканувале на една од тамошните докторки. Инцидентот се случил кога починала нивната 60-годишната роднина која во болницата била примена во тешка состојба заради корона вирусот.
Група од 10-ина роднини дошла во болницата, сакале да го земат телото и да го однесат на обдукција. Но, здравствените работници им ги објасниле протоколите во кои доколку семејството бара обдукција, тогаш за да се спречи зараза, телото до патологија го пренесува погребно претпријатие. Кога тие почнале да негодуваат и да се закануваат на докторката, обезбедувањето повикало полиција.
Лицата се приведени во полициската станица во Гази Баба. Еден од приведените бил позитивен на корона вирусот и тој е спроведен во полициската станица со специјални протоколи.
-Ова е чин на крајно непочитување на сите здравствени работници кои повеќе од 4 месеци деноноќно се борат за секој човечки живот. Ова е дискредитација на нивната работа, нивниот труд и жртва, ризикот на кој се изложени и одрекувањата, напиша министерот Филипче на Фејсбук.