Ременски бара обвинителката Русковска да биде изземена од судењето за „Меѓународен сојуз“

Фросина Ременски, третообвинета во случајот „Меѓународен сојуз“, заедно со Бојан Јовановски-Боки 13, бара да се изземе обвинителката Вилма Русковска од случајот, посочувајќи дека постојат цврсти докази дека „во сите фази на предистрагата и истрагата има селективност во постапувањето преку кршењето на правата на одбраната, но и во делот на попречување на правдата“.

Како една од причините за изземање, Ременски наведе дека Русковска вршела незаконски претрес во нејзиниот дом.

-Очекувам државниот јавен обвинител да ги разгледа совесно и професионално да одлучи за нејзино изземање како застапник на обвинението, во контекст на мене и на сите во случајот, затоа што се сомневаме дека сериозно се загрозени независноста и објективноста на постапката, рече Ременски.

Tаа како почесен претседател на „Меѓународниот сојуз“ е обвинета заедно со Бојан Јовановски како претседател, Јасна Ерцеговиќ-Мандиќ како потпретседател, таткото на Јовановски, Миле Јовановски, и неговата асистентка Христина Блажеска. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз“.

Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски, како почесен претседател на невладината организација, е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се товари за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. При претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола.

Според обвинителството, обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски дека ќе учествуваат во проект за изградба на старечки домови преку „Меѓународен сојуз“ на Бојан Јовановски-Боки 13 и ги оштетиле со повеќе од милион евра.

Судењето почнува денеска.

Претходна вестЗа неносење маски казни за 412 граѓани
Следна вестБарањето за изземање на обвинителката Рускоска го одложи судењето за „Меѓународен сојуз“