Признанија од Пендаровски за „СОС Детско Село“, „ЛОЈА“, „Полио Плус“, Биба Додева, Ленче Здравкин, Савка Тодоровска и Ристо Донев

Претседателот Стево Пендаровски денеска на свечена церемонија во Кабинетот на Претседателот го додели признанието „Повелба на Република Северна Македонија“ на три организации и на четири личности. Тие со нивната работа и посветеност дадоа огромен придонес за социјализација и остварување на човековите права и слободи на лицата со попречености, за помош и поддршка на обесправените и угнетените, за грижа и воспитување на децата, за подигање на свеста за ракот, за унапредување на родовата еднаквост, за подобрување на меѓуетничките односи, како и за афирмација на нашата земја на меѓународно ниво.

Претседателот Пендаровски го додели признанието на „СОС Детско Село“, на Центарот за балканска соработка „ЛОЈА“, на Движењето „Полио Плус“, на Биба Додева, на Ленче Здравкин, на Савка Тодоровска и на Ристо Донев.

-Препознатлива улогата и значењето на граѓанските организации, како и на поединци кои преку работата во нив, но и самостојно, придонесоа за македонската демократија и македонското општество. Без силен и развиен граѓански сектор не е можна успешна и демократска Македонија, рече Пендаровски.

Тој потоа гинаведе и образложенијата за доделените признанија.

-СОС Детско село е пример за грижа за децата во ризик и нивна поддршка, преку семеен модел за алтернативна грижа, како и преку реализирање на програми за социјална превенција. Со професионалната грижа за децата без родители „СОС Детско село“ постави највисоки стандарди на воспитание и образование, како дел од глобалната мрежа на „СОС Детско село“ која е активна во 135 држави и територии во светот. Центарот за балканска соработка, „ЛОЈА“ интензивно го промовира мултикултурализмот и меѓународната соработка, етаблирајќи се во една од најактивните македонски невладини организации. Благодарение на нејзините програмски содржини голем број на млади луѓе се стекнаа со специфични вештини и знаења и учествуваа во меѓународни проекти и размена на искуства. Движењето против хендикеп „ПОЛИО ПЛУС“ отвори нови перспективи во поддршката на лицата со посебни потреби, работејќи на нивната социјализација, на добивањето на самодоверба и пронаоѓање на соодветно место и улога во општеството. Борбата со ракот на дојката е главниот приоритет на БОРКА чија претседателка Биба Додева со својот неуморен ангажман, упорност, посветеност и желба за подобрување на животот на заболените од рак од дојка го задолжи нашето општество, рече Пендаровски.

Според него, Ленче Здравкин со својата несебична хуманитарна дејност покажа дека нема граници кога е во прашање човекољубието и помагањето на сите оние кои се далеку од своите најблиски и на кои им е потребна грижа и поддршка.

-Кога се зборува за рамноправноста на жената и нејзината улога во општествените процеси или за организациите кои се занимаваат со оваа проблематика, не е возможно да го одминете името на Савка Тодоровска која со својата долгогодишна импозантна работа постави највисоки стандарди на активист и лидер за женски права. Ристо Донев ни покажа дека ако се има желба, волја и истрајност не постојат физички бариери кои можат да ве спречат да постигнувате големи успеси во животот. Тој е редок пример на непоколебливост, мотивираност и навистина претставува инспирација за сите наши граѓани, рече шефот на државата.

 

Претходна вестДУИ ќе го брани Мерко или ќе му шепне да си замине?
Следна вестМу носел хероин на брат му во велешкиот затвор, полицијата го фатила на дело