Во период кога формално не се започнати меѓупартиски разговори за формирање на Владата, на сцена доминираат ладни проби за тестирање на пулсот на партиите и јавноста.
Додека дел од партиските лидери се на одмор, меѓупериодот пред формалниот почеток на разговорите за формирање на Владата е пополнет со разни шпекулации за потенцијалните коалициски партнери.
Партиите засега вешто ги кријат намерите и објаснуваат дека за тоа ќе решаваат врз основа на програмите, принципите, црвените линии, а на крајот – и врз основа на бројките.
Весникот на албански јазик „Коха“, вчера објави дека е постигнат договор за формирање влада меѓу ДУИ, коалицијата СДСМ-Беса и ДПА, при што три години премиерот ќе биде од СДСМ, а една година од ДУИ. Официјални лица од двете партии за весникот потврдиле дека се очекува коалицијата да биде официјализирана од Зоран Заев, Али Ахмети и Билал Касами на јавна средба по 4-ти август.
Сите демантираат
Набрзо по ваквата објава на „Коха“, стигнаа деманти и од двете партии.
Артан Груби од ДУИ на Фејсбук на пиша дека ДУИ е транспарентна партија и сите процеси ги развива со вклучување и известување на граѓаните.
„Во моментов, ниту една од многуте вести во медиумите не е потврдена од наша страна, како и да е, кога ќе имаме нешто конкретно, ќе ве известиме благовремено. Воспоставените постизборни контакти со СДСМ и другите партии се колегијални, пријателски, иницијални, секако за доброто на земјата и нејзините граѓани. Разговори за детали, како што се претставени, ниту имало ниту се договорени со ниту една од страните“, напиша Груби.
Во отсуство на лидерот на СДСМ, кој е на одмор, високи функционери на таа партија велат дека партијата ќе ги почне разговорите за состав на идната влада по конститутивната седница на Собранието, на четврти август. Се очекува лидерот на СДСМ да го заврши одморот на први август, да присуствува на Илинденските чествувања, и потоа на конститутивната седница на парламентот.
Според нашите соговорници, во овој период не се водат никакви разговори, па ваквите „вести“ повеќе наликуваат на ладни проби за тестирање на пулсот на партиите и јавноста, и не исклучуваат дека може и да се пласирани од нечиј партиски штаб токму за таа цел.
Во однос на моделот за ротација на премиерот, сметаат дека дури и пласираната асиметричност во лажната вест (3 + 1), повеќе може да рефлектира нечие ретерирање во барањето за прв премиер Албанец, отколку да навестува реално прифатливо решение.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, уште пред изборите беше дециден дека партијата нема да прифати никакви условувања.
„СДСМ е основач на концептот ‘едно општество за сите’. Ние сме покажале дека немаме никаква предрасуда за етничката припадност на кој било човек, за која било функција во државата и око не ми трепнува само да е добар, квалитетен, експерт, професионален, да може да ја завршува работата. Tоа важи и за премиер, и за претседател на државата, и за претседател на парламентот, за министер, градоначалник или кој било. Впрочем на многу од тие функции и сега имаме Албанци од СДСМ и тоа се поприлично добри кадри. Во едни такви околности не смееме да пуштиме уцената да живее“, изјавуваше Заев.
На испит легитимитетот на ДУИ
Барањето на ДУИ за прв премиер Албанец може да и ги искомпликува преговарачките позиции на оваа партија. Со оглед дека врз тоа барање партијата ја темелеше главната порака во изборната кампања и освои најмногу пратенички мандати во албанскиот блок (15), во второпласираниите со 12 мандати – Коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива, сметаат дека ДУИ ќе го изгуби легитимитетот ако не го исполни ветеното со кое ги доби гласовите.
„ДУИ треба да проба да има свој премиер, тоа е Насер Зибери, кој уште го гледаме по билборди во Скопје. Тие добија толку пратеници заради него, и сега ако не можат да го исполнат тоа, ќе треба да отстапат и ќе треба да се направат други комбинаторики. Нашата коалиција ќе треба да настапи и да почнеме преговори. Ние не сакаме да влегуваме во преговори пред ДУИ да го истроши својот легитимитет. Тие треба да се соочат со тоа што го ветија“, изјави лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.
Според ова, извесно е дека ДУИ ќе биде во тешка позиција како да се повлече од условот (доколку има таква намера) и како да го објасни тоа. Од друга страна, ако инсистира на тој услов ќе се соочи со лимитирање на коалицискиот потенцијал, имајќи предвид дека и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека не прифаќаат уцени и условувања.
Времето за тактизирање не е бесконечно. Според уставните рокови, по конституирањето на парламентот претседателот Стево Пендаровски најдоцна до 14 август би требало да го определи мандатарот, кој има рок од 20 дена да ја состави новата влада и да поднесе програма за работа до парламентот.