Две лица од Виница и едно правно лице нуделе и продавале несоодветни т.н. брзи тестови во врска со корона вирусот, соопшти денеска МВР.
Во информацијата се наведува дека полицијата вчера по добиени сознанија дека лица од Виница, вршеле незаконска продажба на несоодветни брзи тестови за детекција на вирусот „ковид-19“, полициски службеници од Одделение за внатрешни работи Виница извршила оперативни проверки. При ова е дојдено до сознанија дека лицата: В.П.(35) и М.А. (46) двајцата од Виница, заедно со правно лице од Виница нуделе и продавале несоодветни т.н. брзи тестови во врска со коронавирусот.
-Поради постоење на основи на сомневање за сторено кривично дело – “незаконито земање и користење на генетски и биолошки материјал“ казниво по чл.210-а од Кривичниот законик, со наредба од Јавен обвинител, бил извршен претрес во дом и други простории, при што во домот на В.П.пронајдени се седум кеси со натпис “Ковид Чек ТМ“ и едно шише од 2мл со течност со натпис „Буфер“, кои се одземени. До надлежното обвинителство ќе биде доставен соодветен поднесок, а и во наредниот период се преземаат мерки во врска со ваквите случаи, соопшти МВР.
Од полицијата апелираа до граѓаните да им веруваат и да се обраќаат само на овластени медицински лица кои се матични лекари или епидемиолози на институтот или центарот за јавно здравје и да не наседнуваат на вакви измами. МВР во координација со другите институции ќе ги санкционира ваквите појави.