Продолжен е рокот за изградба на хидроцентралата Чебрен

Продолжен е рокот на грчката компанија „Архиродон“ за изградба на хидроцентралата Чебрен, информираше министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова по завршувањето на состанокот со компанијата во просториите на Министерството. Најави дека до крајот на годинава ќе има конкретни информации дали ќе продолжи постапката за изградба на Чебрен или не.

-Жалбената постапка е запрена и повторно ги разгледувавме жалбените наоди и нивната оправданост. Тоа не значи дека постапката за Чебрен престанува, односно значи дека продолжува, рече Шукова.

Нагласи дека избраната компанија со одлуката за избор од 14 септември годинава ќе биде информирана дека треба да пристапи кон исполнување на обврските од веќе донесената одлука.

-Од грчката компанија Архиродон се жалеа на содржината на одлуката, бидејќи согласно Законот за води, прво мора да добиете дозвола за води, а потоа да се потпише договор за концесија. Тие сметаат дека треба прво да се потпише договор за концесија, а потоа постапката да продолжи понатаму, појасни Шукова.

Меѓутоа, како што кажа, во случајов Законот за води е „легс специјалис“ во однос на Законот за јавни набавки и Законот за концесии.

-Ние ќе се држиме на она што го регулираат нашите закони и ќе биде информирана компанијата. Нивната банкарска гаранција е до крајот на годината и ако ја продолжат ќе значи дека ќе продолжи процесот, ако не се продолжи банкарската гаранција, автоматски ќе се прекине процесот, истакна Шукова и додаде дека до крајот на годината ќе има информации во која насока ќе оди постапката.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера рече дека одлуката за поволен понудувач за Чебрен е донесена од Владата врз основа на извештај од Комисија и ако има одредени жалби тие се доставуваат до таа Комисија и до Министерството за животна средина и просторно планирање како задолжено за Чебрен. На новинарско прашање дали има можност да пропадне проектот по жалбата од грчката фирма, Битиќи изјави дека нема да се спроведе проектот ако процедурално Министерството за животна средина и просторно планирање МЖСПП оцени дека не е возможно спроведување.

-Ако има таква одлука како што кажувате, јас немам слушнато дека е возможно, ќе дојдат на Влада да реферираат како што доаѓаат за секоја точка. За жал, 30 години како е одземена можноста од некого, упорно сакаме да не го направиме финалниот чекор да одиме во следниот момент –  кон развој. Секогаш, за секоја добра иницијатива, велиме дека ни се одзема можност, а не гледаме дека тоа е можност за развој. Секако, ако процедурално МЖСПП оцени дека не е возможно спроведување на тој проект, нема да се спроведе, но сметам дека за државата е важно денес да се направат вистинските одлуки и директно да влијаеме за она што го слушнавме во демографските проекции –  да донесеме храбри одлуки кои ќе ги убедат сите кои живеат во државата дека овде имаат можност да продолжат квалитетно да живеат, рече Битиќи.

Премиерот Димитар Ковачевски во однос на забелешките на Здружението на инженери дека со давањето на Чебрен на странска компанија се нарушува електроенергетската независност на државата вчера рече дека доколку би постоеле можности самата држава да го изгради овој проект вреден над една милијарда евра, тогаш тоа досега би било направено.

– Такви дискусии се воделе 40 години, бидејќи овој проект е стар 40 години колку што се сеќавам имаше и 13 неуспешни тендери коишто дури даваа и подобри услови за оној кој би ја добил можноста за градење на ревизибилната хидроцентрала, меѓутоа од различни причини не успеале претходно. Така што, доколку постоеле можности самата држава да го изгради овој проект вреден над една милијарда евра, тогаш во изминатите 40 години сигурно тоа би било направено, изјави Ковачевски.

Претходна вестМакедонија доби место во орбитата, МИОА најави следен чекор – лансирање сателит
Следна вестМетју Пери се удавил во џакузи поради високо ниво на кетамин