Продолжува потрагата по двајцата исчезнати Македонци во морето кај Посиди на Халкидики

Денеска продолжува потргата по двајца Македонци кои вчера попладне исчезнаа во морето кај плажата Мити во туристичкото место Посиди на Халкидики во Грција. По нив интензивно се трага од вчера попладне откако се загубија во морските води под влијание на силните морски струи и ветровите кои дуваа во тој период. Се уште не е соопштен нивниот идентитет, а грчките медиуми наведуваат дека се работи за лицата на возраст од 28, односно, на 30 години. Во потрагата по нив се вклучени хеликоптер како и бродовите на грчката крајбрежна стража но и на приватни лица.

Досега е познато дека нивното друштво вчера на оваа плажа прославувало роденден на еден од пријателите. Тогаш, тие и уште еден македонски турист решиле да влезат во морето за да се избањат.

-Меѓутоа, силниот ветер и морските струи веднаш ги одвлекле во морето подалеку од брегот. Тие сами не успеале да допливат до плажата а набрзо се загубиле од видикот на своите пријатели. Ветерот имаше силина од 6 бофори а брановите беа големи. Веднаш биле алармирани спасувачките служби пошто и започнала потрагата по нив, пишува грчкиот весник „Прототема“.

Еден од тројцата во групата, на возраст од 25 години, бил спасен од еден сурфер и веднаш потоа е префрлен во локалната болница.

-Местото е премногу опасно и заради тоа локалното население никогаш не оди таму. Имаше многу бранови и ветер и во тој момент се спојуваат струите на двете мориња и тоа е многу опасно, изјави за грчкиот весник градоначалничката на Касандра, Анастасија Чалкиа.

Фото: Принскирн, ТВ Алфа, Грција

Претходна вестСончево со умерена облачност
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Протестите продолжуваат, граѓаните и вечерва ќе го кажат своето „Не“