Реформа на основното образование не може да се темели само на една анкета и во неа да не учествуваат универзитетските професори, став е на проф. др. Катерина Русевска, универзитетски професор на Институтот по биологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Во денешната изјава за „Скопско ехо“ професорката потенцира дека во реформите се најважни интересите на децата.
– Најважни во реформата се децата! Сѐ што се прави треба да биде во нивен интерес и во ничиј друг. На пример, треба да се подобрат основните услови во училиштата, а потоа да се изградат и опремат лаборатории по природни науки (нешто што се најавува), но и да се вработат лаборанти одговорни за овие лаборатории. Секој ученик треба да добие подеднакво квалитетно образование без разлика на училиштето, хобито на наставникот и неговата способност да пребарува материјали на интернет. Во однос на природните науки, на сите ни е јасно дека интеграција веќе постои и без да има спојување на предмети. Затоа, нашиот предлог е да ја гледаме големата слика, предметите физика, хемија, биологија и географија да постојат како одделни предмети, а со програмата да се планира реализизацијата на заедничките теми. Никаква комбинација на т.н. модули не нуди квалитет. Важно е учениците од 7. до 9. одд. да се запознаат со овие предмети поради понатамошното насочување на учениците кон средните училишта. Воведувањето на нови предмети или модифицирањето на постоечките мора да биде усогласно со наставните програми на факултетите на кои се едуцираат идни наставници во одделенска и предметна настава, а за секоја наредна реформа навремено да бидат вклучени универзитетски професори и наставници од училиштата, потенцира Русевска.
Инаку, денеска оваа професорка заедно со проф. д-р Владимир Петрушевски од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје и проф. д-р Марина Стојановска од Институтот за хемија за „Скопско ехо“ го искажаа и заедничкиот заклучок во врска со најавената реформа: „Интересот на децата не е само подобрување на инклузијата, воведување на сеопфатно сексуално образование, демократизација и човекови права. Има многу повеќе од тоа и некоректно е за сето тоа да даваат ум некомпетентни луѓе, макар биле и (по автоперцепција) најумни на светот“!
Русевска неодамна учествуваше и на јавната расправа во македонскиот парламент околу предложената Нацрт-концепција за промени во основното образование на која побара проширување на експерти кои ги подготуваат промените. Таа категорично застана во одбрана на постоењето на посебните предмети од областа на природните науки.