Не стивнуваат реакциите и незадоволството од препораките истакнати од академик Драги Ѓоргиев и македонските членови на историската македонско-бугарска комисија. Мнозинството негодува што политички избраната Комисија за историски прашања по години заседавања препорача дека требало Македонија да ги чествува Цар Самоил, Светите Кирил и Методиј и Светите Климент и Наум заедно со Бугарија. Требало да има и измени во учебниците по историја.
Со своја реакција се јави и познатата историшарка и универзитетски професор Виолета Ачкоска. Таа посочува дека не залудно писателот Џорџ Орвел запишал дека тој кој ќе овладее со минатото, тој ќе владее и со сегашноста и со иднината.
-За жал тоа воопшто не и беше, ниту и е јасно на една антинационална власт во Република Македонија. По погубните “добрососедски” договори во кои беше променето името на државата и идентитетот на Македонците, се одвива последниот чин на корнење на македонското право на државотворност низ срамниот пазар за наводната “заедничка историја” на една комисија која е жална креатура на актуелната власт.
Ова кое сега се случува со пазарот за историјата не е веќе прашање на науката, на историчари или филолози, на писатели или музичари, туку прашање за одбрана на Македонија. Прашање на борба против тоталното национално предавство во Северната дивоградба, во која мнозински народ се замолчени, понижени и репресирани Македонци! Поделени смислено, систематски, по сите основи со повеќегодишна гебелсова пропаганда, станавме лесен плен на заграбувачите кои имаат територијални претензии и нивните ментори кои сакаат дефинитивно да го затворат македонското прашање преку духовно убиство на Македонците, потенцира таа.
Професорката укажува на сервилноста кон надворешните фактори се уште се посилни од националниот интерес.
-Го губиме она за кое гинеле генерации силни Македонци, а на своите потомци им оставаме обезличеност и бездомност. Им оставаме да бидат понижени и асимилирани или повторно да леат крв за слобода и држава.
Време е за обединување на сите сили за одбрана на националното достоинство. Опозиционите лидери имаат најголема одговорност, бидејќи се покажа дека бевме малубројни кога сакавме да го спречиме целото ова зло без организирана партиска структура која честопати гледа што кажува лидерот, а не гледа дека истече времето за чекање.
А, на оние кутри неуки “историчари” кои треба да ни кројат Нова историја, сигурно ќе им биде обезбедено место во Националниот музеј на Бугарија како херои, како што Коте од Руља го краси Музејот во Солун, посочува професорката.