Промоција на велосипедската рута „Транс Динарика“ долга 5.000 км од кои 650 км низ Македонија

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска на промоцијата на велосипедската рута „Транс Динарика“ истакна дека Министерството за култура и туризам во овој проект препознава одлична можност за промоција на рекреативниот туризам, историските локалитети, природната убавина и разновидните искуства на местата низ кои поминува рутата. Но и зацврстување на локалната економија, создавање можности за вработување и поттикнување на културната размена.

-Оваа рута овозможува запознавање со прекрасните пејзажи на земјите од Западен Балкан, со различните традиции, со храната и приказните од овој регион. Многу посетители, за кои е достапна и детална дигитална навигација, за првпат можат да поминат низ локалитетите, селата и националните паркови на УНЕСКО, рече министерот Љутков.

Велоспедската рута „Транс Динарика“ е проект на Регионалната програма „Рекономи“ („Reconomy“) финансиски поддржана од Шведската меѓународна агенција за развојна соработка, спроведена и управувана од швајцарската меѓународна развојна организација „Helvetas“, во земјите од Источна Европа и од Западен Балкан. Рутата овозможува возење велосипед 5000 километри низ шест земји од Западен Балкан, вклучително и 605 километри низ нашата држава.

На промотивниот настан се обратија и амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џеин, и програмскиот менаџер на програмата „Рекономи“, Пауло Родригез, а претставниците од Гудплејс (Goodplace), Јан Клавора и Матич Кланјшчек, ја претставија велосипедската рута Транс Динарика и придружната дигитална навигациона апликација. Тие истакнаа како рутата ги поврзува различните култури, традиции и средини, овозможувајќи им на велосипедистите неповторлив начин за истражување на регионот.

Препознаена од над 100 меѓународни медиумски куќи, вклучувајќи Лонли Планет (Lonely Planet), Си-Ен-Ен (CNN) и Гардијан (Guardian), Транс Динарика веќе е прославена како една од „Најдобрите за патување“ за 2024 година.

Се предвидува дека Транс Динарика ќе генерира 15 милиони евра во рок од три години и ќе создаде над 3.000 работни места, значително зајакнувајќи ги локалните економии на руралните подрачја долж патеката. Со обединување на јавниот и приватниот сектор, локалните заедници и меѓународните партнери, проектот има за цел да го позиционира Западниот Балкан како водечка дестинација за зелен туризам.

Инаку, на интернет страницата на Велосипедската рута Транс Динарика, за Македонија се наведени и делниците со детални објаснувања.

Претходна вест20 годишник од Дебар силувал 14 годишно девојче
Следна вестПожарот во Мариово останува активен, со топлото време се разгорува онаму каде преку ноќта се стишил