Екран со ликот на наставничка и учениците од класот и директна комуникација меѓу нив во текот на еден училишен час е основата на која почива Националната платформа за онлајн – учење промовирана денеска. На практичното претставување на Платформата преку комуникацијата на наставничката со учениците се виде дека тие можат директно да комуницираат, да одговараат на графичките тестови, да добиваат домашни задачи.
Зборувајќи на денешната промоција министерката за образование и наука Мила Царовска рече дека таа е влог во иднината и модернизација на образованието.
–Таа е алатка која во оваа учебна година значително ќе помогне да го задржиме квалитетот на образовниот процес и во услови на пандемија. Платформата ќе биде предизвик за сите, но уверена сум дека секој ќе го совлада работењето на неа и дека сите ќе ја сакаме истата. Таа е практична, лесна за користење и прилагодена за сите кои ќе ја користат – изјави Царовска.
Таа објасни дека ученикот преку компјутер, мобилен телефон ќе може да ја гледа училницата и наставникот и обратно. Дополнително ученикот ќе може да ги користи сите поставени аудио и видео материјали и да ги изработува домашните задачи и наставата нема да биде здодевна.
Царовска рече дека општините и училиштата имаат обврска да обезбедат добра интернет врска во школите, а учениците и родителите во нивните домови.
-Има околу 40.000 ученици кои немаат информатички уреди. Но, за нив ќе има часови на националната телевизија, но и училиштата ќе имаат обврска да им обезбедат испечатени материјали од предавањата. И тие ученици ќе бидат оценувани како и другите, потенцира Царовска