Банкарската криза во САД не стивнува: во текот на викендот, регулаторите ја презедоа „First Republic bank“ и ги продадоа нејзините депозити и средства на финансискиот гигант „JPMorgan Chace“, со договор за поделба на загубите. Оваа, како и другите проблематични банки, се најдоа под притисок на незадоволните инвеститори и испаничените штедачи, а не им помогна ниту заедничката акција на групата од најголемите инвестициски куќи кои и позајмија 30 милијарди долари за да обезбедат краткорочна ликвидност. Со продажба на средства на „ЈПМорган“, „ First Republic bank“ престанува да постои.
На банката и останаа депозити од 93,5 милијарди долари, кои итно се продаваат. Во времето кога регулаторите – ФДИЦ – го заплениле нејзиниот имот, тие изнесувале 229,1 милијарди долари. Сега, според ова, неодамна пропаднатата банка на Силиконската долина веќе не е втората по големина пропадната банка во американската историја, туку таа неславна позиција ја презеде „First Republic bank“, која е малку поголема од СВБ.
Треба да се напомене дека до сега, поради специфична регулатива, СВБ и First Republic bank и другите банки под притисок во последната криза се нарекуваа регионални или средни банки, па се создаде впечаток дека само дел од комерцијалното банкарство е заразено со проблеми. Сепак, тоа се во основа многу големи банки, чијшто неуспех, со текот на времето стана јасно, ќе имаат пошироки финансиски и економски последици за САД. На крајот на краиштата, според анализите во медиумите, ако се соберат средствата на СВБ, Signature bank и First Republic bank, кои беа избришани од пазарот за време на оваа банкарска криза, ќе се дојде до сума од 530 милијарди долари заклучно со крајот на минатата година, што е повеќе средства од она што го има Голдман Сакс, осма по големина комерцијална банка во САД. Со други зборови, како што стои во написите, проблемот е голем и расте.