Протест на земјоделците од Овче Поле: Калиманци прелива ние немаме вода за наводнување

Барање да добијат вода во системот за наводнување, со цел да ги спасат своите земјоделски култури истакнаа на денешниот протест земјоделците од Овчеполскиот регион. Тие истовремено го блокираа регионалниот пат Велес-Штип кај крстосницата кон Свети Николе. Тракторите, земјоделската механизација ги поставија на кловозната лента.

-Министерот со директорите да дојдат и да ни кажат зошто во годината кога Калиманци прелива ние немаме вода за наводнување, но и да ни кажат дали е вистина дека е донесено одлука за зголемување на наплата за водарина, вели Митре Николов, земјоделец, а пренесува МИА.

Земјоделецот Златко Здравсковски дополни дека е донесена и одлука водарината да се зголеми за 78 проценти, а тие немаат вода до нивните ниви.

Пред неколку дена, земјоделците од Овчеполскиот регион добија ветување дека вода ќе пристигне во овој регион и дена наводнувањето ќе се одвива согласно планот и потпишаната спогодба меѓу ХС Водостопанство „Брегалница“ и земјоделското здружение „Овчеполски аграр“. Посочуваат дека нема доволен доток на вода и притисок за да ги наводнуваат површините со пченка, детелена, лозја и други култури.

-Ние немаме бавчи за да наводнуваме со црево. На нас ни треба вода 4-5 бари притiсок во каналската мрежа за да можеме да наводнуваме„ вели Николов.

Земјоделците од Овче Поле денеска добија и поддршка од оризопроизводителите од кочанско кои се пожалија дека и кај нив полињата буквално горат за вода. Пред два дена поради истиот проблем, протестираа и земјоделците од карбинско.

Претходна вестКалин Ивановски избори финале на турнирот во Австрија
Следна вестГенералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Сајкоски на четвртиот конгрес на единствената македонска партија во Албанија