Протест и едничасовна блокада на сообраќајот против загадувањето на воздухот денеска одржаа дел од жителите од Прилеп кај фабриката „11 Октомври“ пред погонот Ламинати. Тие побраа да се откријат причините за едномесечната тешка миризба во вечерните часови во Прилеп што влијае на здравјето на граѓаните и виновникот да сноси одговорност.
Гоце Трајкоски од урбаната заедница „Сточен пазар“ за МИА изјави дека вели дека на мирен протест се граѓани од урбаните заедници „Чачорица“, „Сточен пазар“, но и другите граѓани поради непријатната миризба што се шири во градот.
– Последниве два дена како да е стивнато, но тоа е страшна миризба, на пластика, мириса на гуми, на смола. Се вовлекува во носот, очите печат. Ова влијае на здравјето. Бараме надлежните општински и државни институции во најскоро време да преземат мерки и да го лоцираат виновникот, изјави тој.
Инспекциските служби во локалната самоуправа соопштија дека пожарникарите за 20-тина дена, поточно од 26 август до 14 септември интервенирале 12 пати на гаснење пожари во кругот на фабриката „11 Октомври“. Од последниот пожар со непријатна миризба земени биле примероци за анализа.
Во прилепската болница потврдуваат дека последниот период зголемен е бројот на пациентите кои се жалаат на проблеми со очите токму поради миризбите и тешкиот воздух.