Протест во Скопје: Не попуштаме на притисокот на Филипче за вакцинирањето

Неколку стотини граѓани до пред малку протестираа во Скопје против најавата на министерот Венко Филипче за задолжителна вакцинација за здравствени работници, а вработените во јавниот сектор да мора да имаат сертификат за најмалку една примена доза или негативен ПЦР тест – за да може да одат на работа. За протестантите оваа мерка е незаконска и воопшто не е соодветна.

-Министерот не гледа ли дека во сите земји каде имаше масовно вакцинирање состојбата со вирусот е дури и полоша од овде во Македонија? Ете затоа протестирам, не прифаќам недоразјаснети работи, а уште помалку под притисок, ни истакна еден брачен пар кој протестираше пред зградата на парламентот.

На насобраните граѓани им се обратија неколку говорници, кои на слабо озвучување што едвај го слушаа половина од присутните, порачаа дека не треба да се попушти на притисоците, и сите кои имаат закани на работа да бараат адвокатска поддршка.

-Не отстапуваме, не попуштаме. Наше право е дали ќе се вакцинираме или не. Законот и уставот ни дозволува да имаме право на избор, истакна еден од говорниците.

По извесно време протестантите се упатија и пред владината зграда каде наскоро министрите сосе премиерот треба да ја разгледаат предлог-мерката на Филипче и Комисијата која е усмерена пред се кон невакцинираните луѓе во Македонија.

-На министерот Филипче болница му изгоре и затоа не е веќе авторитет да кажува што треба да правиме. Следиме што се случува во светот и гледаме дека и вакцинираните се разболуваат, ни рече присутен протестант.

Меѓу протестантите сретнавме и неколкумина кои велат дека се вакцинирани, но даваат поддршка на секој кој се бори за правото на избор.

-Утре некој и нас тоа право ќе ни го одземе, велат тие.

При крајот на мирниот протест беше најавено дека ако е потребно ќе има нови протести „затоа што не прифаќаат присилна вакцинација“.

 

Претходна вест12 починати лица, регистрирани 449 нови случаи на коронавирус
Следна вест15.000 луѓе на протест во Загреб против задолжителните ковид пропусници