Четиринаесет бели, наместа изгорени, маички симболично беа закачени на местото каде пред две години на денешен ден изгоре модуларната ковид болница во Тетово како дел од протестот на граѓаните на двегодишнината од пожарот во кој изгореа 14 луѓе, 12 болни од ковид и две лица кои биле придужба на болните.
Роднини на починатите во пожарот и граѓаните побраа да има ново обвинение за случајот и оставки од главниот обвинител Љубомир Јовески, тетовскиот обвинител Бесир Алиу и обвинителите Зорица Павловиќ, Дејан Петрески, Ханефи Амети и другите инволвирани во ова кривично дело. Тие бараат да има нова истрага со која, како што велат, ќе се докажат вистинските виновници.
– Бараме правдата да излезе на виделина. Новинарите на ИРЛ објавија вистински кој е виновен, а кој не е виновен. Овде ние бевме на сите рочишта, немаше правда. Од почетокот ние кажавме дека во оваа држава нема правда. Јас сум бил од почетокот на ова судење, гледав дека нема правда. Беа осудени три лица, не викам дека не се виновни тие. Ама виновни се гледа кој е. Државата молчи, денес тие слават, денес не дојдоа кај нас да видат дека 14 лица живи загинаа таму. Јас сум бил со мајка ми во соба број 3 и од таму почна огнот. Не знам ни јас како седам овде. Ние ќе бараме нова истрага, со протестите ние ќе продолжиме понатаму, изјави Мумин Исмаили, кој во пожарот на 8 септември 2021 година ги загуби братот и мајката.
Групата граѓани потоа маршираше од модуларната болница, одзади Клиничката болница кон булеварот „Благоја Тоска“, кон пазарот, Центарот за култура, плоштадот и застанаа кај судот. По истакнување на барањата протестниот марш заврши.