Со пораки за сплотување на сите граѓани и заедничко спротивставување на мрачното сценарио и категорично „Не“ за бугаризација, поминаа вечерва протести на граѓаните против францускиот предлог за кревање на бугарското вето. И вечерва, седмиот ден од протестите, во колоната која се движеше од Владата па преку Министерството за правда до Собранието беа илјадници граѓани. Учесниците пред Министерството за правда поставија транспаренти „Ова е Устав“, „Ова е тоалетна хартија“, „Ова се лисици“ и „Ова е Јустицијата, знаете што следи“, на улицата беше напишана порака „Ќе победиме“ со големи црвени букви. Се слушаа патриотски песни и скандирања: „Оставка“, „Никогаш Северна, само Македонија“ и „Македонија“…
На собирот пред македонскиот парламент прв зборуваше Мартин Треневски, министер за информации во експертската Влада на Никола Кљусев кој кој симболично, носеше маичка со напис „Референдум ‘91 ‘ЗА’“. Тој директно му се обрати и на францускиот претседател Емануел Макрон.
– Господине Макрон, Вашата учителка а сега сопруга ве учеше балет, поезија и не знам што, меѓутоа не научивте ништо од историјата господине претседателе. А, да Ве потсетам дека 200 години француските кралеви полагаа заклетва пред Бога на библијата од Манс, која што Вие не ја разбиравте, а не ја разбиравте затоа што беше напишана на македонска глаголица. Најверојатно создадена во некој од македонските манастири за време на цар Самуил. Научете ги тие лекиции, господине претседателе. Ние Ви ги чуваме илјадниците гробови на француските војници кои загинаа на Кајмакчалан, на Македонскиот, а не на Солунскиот фронт. Ред е да покажете малку респект кон овој народ кој има почиит кон тие жртви кои загинаа во Првата светска војна. Европа кон која ние мечтаеме нема разбирање за нашите ставови и погледи. Не ни преостанува ништо, освен да се мобилизираме и да се бориме за нашите правдини, рече Треневски.
Тој рече дека „со полна одговорност може да тврди дека во моментот Македонија нема поголем непријател од Бугарија и побара од Бугарија да плати репарации за Втората светска војна.
Се обрати и актерката Весна Петрушевска, нагласувајќи дека за македонскиот јазик не се преговара.
– Македонија е тврдина која мора да ја одбраниме. Како сакате да ни го смените идентитетот, да не асимилирате, како да се вика мојот театар ако не Македонски народен театар?. Никој не го победил народот, никој не може против народот. Не сакам да преговарам за нешто што е само мое и да ме нарекуваат Северна Македонка, подвлече Петрушевска.
Протестот се одвиваше мирно, без инциденти и провокации. Беше присутно засилено полциско обезбедување. Учесниците најавија дека протестниот марш ќе продолжи утре во 19 часот.