Протести со прагматични цели и без никакви суштински промени

Колумна на Владимир Величковски:

И така, во целата оваа беда и сиромаштија, не одам во музеј (празно е и некреативно) – поживо беше порано кога се отвораа изложби и во присуство на вооружени  војници. Изложените дела ги одминувам, во нив нема предизвик – нема ништо пред ниту зад нив; тие се имитации без автентичен дух. Поинтересни се графитите на улица ( анонимните, не нарачаните) како и оние во депониите.

Сите (партиски мотивирани) протести, како и „шарената револуција“ содржеа пред се прагматични цели без никакви суштински остварени промени. Попатно забележувам изгладнет коњ (не е ниту Букефал, ниту некој бронзен војвода на коњ ) како мирно застанал на црвено, а до него количка со подредени пластични шишиња. Се отвора сигналот и јурнува река од автомобили (кои ќе го уништат градот) чија бучава (заради кризата) е зголемена од завивањето на брза помош.

Човечките нарави и навики се такви какви што се: најболно е, покрај сите други неправди кога ќе видите деца со мајка им како се хранат од контејнер а власта толку грдо и лицемерно само на зборови се залага за правата на децата и против насилството врз жената итн. Човек останува збунет кога на плоштад ќе слушнеше класична музика, опкружен со тотален кич. Букинистите, преселени на плоштад се добар сигнал, меѓутоа остануваме зависници од мобилните и од дрога: можеме да гледаме он-лајн умирање, а сега-принудени и он-лајн образование, кое и онака е на дното.

Фасадата на Стоковна е полна со реклами на англиски, што е пример за негрижа кон македонскиот јазик. Модернистичкиот Телекомуникациски центар покриен со антиквизирачки кич и притеснет со нови згради не се препознава, го изгуби сопствениот идентитет. Повеќе не се спомнува пожарот во поштата и уништените мурали на Борко Лазески! Што друго да се очекува од бирократизирана култура и незаинтересирана власт?! Од улиците ги снема сликовитите деколажи од спонтано искинатите постери. Се појавија, и исчезнаа новите (партиски смислени) „плажи“; останавме небањати и без чиста вода за пиење, со песок во очите и глупоста без граници. Не се оствари идејата по (опеаниот чист) Вардар да пловат лаѓи со туристи кои ќе ги разгледуваат „знаменитостите“ на градот. А што добивме? Повеќе мостови со грди „украси“ и други „објекти“ во загадениот Вардар. Покрај нив функционира тоалет и проституција на отворено.

Се чудам со каква сила некој успеал да ги извитка металните огради и други предмети на кејот! При толку питачи добивме и еден бронзен (преземено решение), во центар на градот. Уште еден пример на дисхармонија и пренатрупаност: до спомен куќата на Мајка Тереза (изведена во шарен постмодернистички манир) се издигнува незавршената црква Св. Константин и Елена (во класичен византиски стил).

Треба да посветиме поголемо внимание на себеизградување. Трчаме по Западот, а никако да го достигнеме.

Претходна вестЗагрижувачко: Сообраќајците се поспори во трката со возачите без дозвола
Следна вест136 санкционирани возачи во Центар