Нови протести организираа денеска пензионерите од Штип, Кавадарци и Неготино на коишто ги повторија барањата за линеарно зголемување на пензиите за по пет илјади денари и минималната пензија од 20 илјади денари.
На собирот во Штип пензионерите порачаа дека решение не се антикризни мерки што ги подготвува Владата.
-Антикризните мерки нема да им помогнат на оние кои земаат пензија од 12.000 денари. Овие антикризни мерки се до април 2024 година, а после што? Следуваат избори. Предизборен трик. Дали овие пари ќе бидат доволни за пензионерите? Другар, Битиќи, ние ниту сме излапени, ниту сме сенилни, не посегнувајте по пензионерите, кои се најголемата гласачка машинерија, 336.000 пензионери ќе си го стават прстот на главата и ќе размислат дали ќе гласаат за вас, порача Соња Арсова, претседателка на Иницијативниот одбор на пензионерите.
Таа информира дека утре во Тетово ќе се состанат раководствата на Иницијативните одбори на пензионерите и ќе одлучат, кои чекори понатаму ќе ги преземат, односно на кој начин ќе ги радикализираат протестите.
И незадоволните пезнионери од тиквешко ги повторија барањата за подостиинствен пензионерски живот.
-Протестите ги правиме за да ја подигнеме свеста кон нашите проблеми. Бараме подобар животен стандард за подобри пензионерски денови, рече Ѓорѓи Делов, претседател на Иницијативниот одбор во Кавадарци.
Револтираните пензионери во одредени денови протестираат во двата града, а исто така и блокираат улици. Тие порачаа и дека нема да отстапат од барањата.