Со блокада на едната сообраќајна лента на патниот правец од Штип кон Кочани, кај селото Облешево денеска оризопроизводителите од Облешево го искажаа револтот од нерешавањето на проблемите кои ги имаат.Тие наведуваат дека околу 500 хектари под ориз имаат недостатокот на вода, која според нив, треба да ја има до крајот на септември за оризот со долга вегетација, но и појавата на болести за кои никој не ги испитува.
-Водата е најосновното нешто, без вода нема бериќет. Нема да биде ни пченка, ни ориз, ништо. Браната е преполна со воа и сега некои си игра, прави нереди. Ако наводнувањето се прекине во оваа фаза ќе нема род, алармираат тие.
Наведуваат и дека проблемите со болестите значат намалено производство од најмалку 50 проценти.
Стојче Ташовски вели дека оризопроизводителите веќе се во загуба и едвај ќе можат да ги покријат трошоците во земјоделските аптеки и бензинските. Откупната цена за килограм оризова арпа бараат да биде најмалку едно евро.
-Цената, според нашата математика и според приносите што ќе ги добиеме, би требало да биде од еден евро нагоре. Зборувам за килограм продадена арпа. Исто така и на берзата, може да забележите, цената на оризот е покачена, а и во Европа и во светот производството на ориз е намалено, вели Ташовски.
Од кочанската подружница на АД Водостопанство, „Брегалница“ соопштија дека затворањето на водите е во договор со водокорисниците.
-АД Водостопанство – подружница „Брегалница“ е подготвена да формира комисија од засегнатите страни, од водокорисниците кои тврдат дека е потребно вода, од институции, институт, за да утврдиме дали е вистина или не е вистина тоа, соопштија оттаму.