Жестоки одговори и категорично дематирање испратија денеска низа македонски политичари кои имаат исти имиња како оние кои денеска ги објави бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов тврдејќи дека се запишани на бугарски избирачки списоци за претстојните парламентарни избори. Ноторна лага, удбашки методи, манипулација, обиди за дискредитација, па се до тешки зборови упатија тие кон бугарскиот политичар.
Лидер на бугарската ВМРО-БНД денеска наведе личности чии имиња се совпаѓаат со пратеници и партиски функционери од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и Социјалистичка партија. Така, на пример, името кое што се совпаѓа со името на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски е запишано за гласање во регионот Ќустендил, извесен Александар Николовски ќе гласа во регионот Средец во Софија, еден Антонио Милошоски во регионот Ренесанс во Софија, некој Александар Пандов во Средец, Љупчо Димовски, како што е името на претседателот на Социјалистичката партија, исто така е запишано во Ќустендил. Некој Петар Богојески, како што се вика и лидер на Македонски концепт, треба да гласа во Обориште…
За Александар Пандов од ВМРО ДПМНЕ, објавата на неговото име во списокот на Каракачанов е голема навреда.
-Сите ли вака ко тебе лажат таму во Бугарија или ова ти е нарачка од твоите коалициони партнери Заев и Шеќеринска тука од Македонија?. Јас се колнам во крвта моја македонска дека немам никаква друга патна исправа освен македонска!!!, категоричен е Пандов во објавата на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.
Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ регаираше веднаш по појавувањето на списокот.
-Не е точно дека јас и пратеници и функционери на ВМРО-ДПМНЕ имаат лични карти и државјанства на Република Бугарија, изјави Мицевски.
Антонио Милошоски, пратеник, имаше краток коментар.
-Фантом ваксајнс, фантом пасоши, рече тој.
Веројатно на бугарските политичари им пречи што се обидувам да ги бранам македонските национални интереси, вели Стефан Андоновски од ВМРО ДПМНЕ.
-Немам бугарско државјанство, се обидуваат да мѐ дискредитираат, рече тој.
Лидерот на Социјалистичка партија на Македонија Љупчо Димовски вели дека Каракачанов се спуштил на најниско ниво.
-Со исполнување на листата на музички желби на Каракачанов покажа дека почнал вода да му носи на Заев!, изјави тој.
Петар Богоевски од Македонски концепт соопшти дека се работи за „удбашки методи“.
-Со овие удбашки методи на црнење на моето име ништо нема да постигнеш, напротив уште повеќе ме мотивираш да ве направам турска туршија или да ве растурам како бугарска скупштина! Со лага не бидуваш ага!…до кога и до каде со вакво поведение бре другарчо Краси?!? Дај еднаш договорете се бугарските болшевици помеѓу себе, кои лаги ќе ги ширите за мене, вака ептен е непријатно да бидете цело време фаќани во лага!, пишува во својот Фејсбук статус Богојески.
Реагираше и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски.
-Јас друго државјанство освен македонско немам! Ама Заеви фирми во Бугарија имаат!, напиша Николовски на социјални мрежи.