Првиот лек во историјата за кој е утврдено дека ја забавува Алцхајмеровата болест ќе добие зелено светло во Британија.
Утврдено е дека Леканемаб, за кој експертите велат дека може да биде „почеток на крајот“ на болеста, го забавува когнитивниот пад кај заболените за 27 отсто.
Регулаторната агенција за лекови и здравствени производи (МХРА) се очекува да даде одобрение за лекување на раната Алцхајмерова болест, пишува британски Телеграф.
Ова ќе значи дека тој за првпат ќе може да биде препишуван приватно во Британија.
Лекот, кој се дава на секои две недели преку интравенозно капнување, е првиот третман кој ја модифицира болеста за да го забави когнитивниот пад и да ги намали плаките поврзани со болеста.
Клиничките тестови покажаа дека значително го успорува губењето на меморијата и функционалното размислување на пациентите.
Сепак, Европската агенција за лекови одби да му даде лиценца на овој лек откако беше утврдено дека несаканите ефекти ги надминуваат позитивните ефекти на лекот. Еден од несаканите ефекти е крварење во мозокот.
Алцхајмеровата болест (АД) е дегенеративно пореметување на мозокот во средините или доцните години од живот и ги уништува невроните и врските во церебралниот кортекс што доведува до значително губење на масата на мозокот. Денес се смета за главна причина за сенилна деменција (60 отсто до 70 проценти од случаите), која некогаш се сметала за нормална состојба во староста.