Прв случај на дете заболено од корона вирусот во скопска градинка

Денеска е забeлежан прв случај на дете заразено со корона вирусот во една од скопските градинки. Ова денеска го потврди и Министерството за труд и социјална политика од каде се дознава дека се работи за детската градинка „13 Ноември“ во скопската општина Центар.

Од Министерството појаснија дека станува збор за дете на 15-месечна возраст кое престојувало во градинката на 9-ти септември. Во текот на вчерашниот ден управата на градинката добила известување од родителите дека тие, како и детето се позитивни на корона вирусот. Утрово во градинката бил направен и епидемиолошки надзор по кој е решено во домашна изолација да одат сите деца кои биле во група со заразеното дете.

-Преземени се сите мерки за заштита. Имавме и две инспекции кои немаа забелешки. Во просториите е направена дезинфекција, соопштија од градинката.

Откако на 9-ти септември беа отворени градинките, досега се пријавени три случаи на коронавирус кај вработени во градинки во Скопје, Битола и Свети Николе.