Прв случај на мајмунски сипаници потврден во Косово

Косовскиот институт за јавно здравје објави дека е регистриран првиот случај на вирусот Mpox (мајмунски сипаници) во земјата.

Заразениот е 30-годишен државјанин на Косово, кој бил хоспитализиран на Инфективната клиника при Универзитетскиот клинички центар на Косово на 24 декември, по враќањето од Западна Африка. Пациентот пројавил симптоми како треска, кожен осип, промени на кожата, осип на лицето и рацете, како и чешање.

-Пациентот е во стабилна здравствена состојба. Сите контакти и членови на неговото семејство се следени од Институтот, а им се дадени препораки за превенција и контрола на инфекцијата, стои во соопштението.

Институтот апелира на претпазливост, нагласувајќи дека мајмунските сипаници обично предизвикуваат благи до умерени симптоми кои траат две до четири недели.

Мајмунските сипаници се пренесуваат преку близок контакт и најчесто се придружени со благи симптоми. Во ретки случаи, вирусот може да биде фатален. Симптомите вклучуваат треска, гнојни плускавци и кожни осипи, кои се слични на грип.

Во август, Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална вонредна состојба за јавно здравје поради вирусот. Ова значи зголемени ресурси и глобални активности за спречување на неговото ширење.

Претходна вестВозач со автомобил удри во пешак и избегал од местото на настанот
Следна вестТошковски: Зачуден сум зошто ЈО не побара притвор за поранешниот директор на ЕСМ