Со восхит, со чиста совест и со полна одговорност преземам задача која граѓаните преку нивните претставници ми ја доверија, изјави претседателот на новата техничка Влада – Талат Џафери во својата прва изјава во својство на премиер. Посочи дека нема што посебно да додаде од она што го кажал во експозето при претставување на програмата и на составот на Владата од собраниската говорница.
–Останувам доследен дека работата на Владата ќе биде транспарентна, отчетна, одговорна, пред се пред граѓаните и пред нивните претставници, во интерес на добробит на граѓаните и на напредокот на државата, рече Џафери.
На заедничката фотографија на техничката Влада ги нема министрите од ВМРО-ДПМНЕ – Панче Тошковски и Ѓоко Велковски, кои во идните 100 дена ќе раководат со министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика.
– Бидејќи работата на Владата ќе биде суштинска заедно со нив, затоа што и тие исто како и ние што сме на сликата имаат законска обврска да одговорат на обврската што ја презеле од вас преку оние што гласаа за составот на Владата, но таа обврска е преземена и од тие што не гласаа воопшто, што не беа во салата. Тоа е сликата што сте навикнати да ја гледате и во работата на Собранието – пред камери се зборува едно, а зад камерите после, кога треба да се работи, поинаква е комуникацијата. Затоа не грижете се, бидете спокојни, јас ќе дадам се од себе заедно со тимот кој од ваше име е составен денеска да ги исполни вашите очекувања. Секој кој ќе постапи спротивно, се коси со законот. Во оваа држава има многу закони и прописи што треба да се спроведат, изјави Џафери.