На покана на в.д. генералната директорка на Генералната дирекција на државните архиви на Грција, Амалија Папа, во Атина престојува директорот на Државниот архив на Македонија, Емил Крстески. Ова е прв официјален контакт и прва средба меѓу претставници на двата државни архива.
На средбата и разговорите, на кои учествуваше и нашата амбасадорка во Грција, Лидија Бошковска и раководителката на Сектор, Светлана Успрцова, беше нагласена обостраната желба за отпочнување соработка меѓу Архивите на двете земји. Желба е и поинтензивна соработка во рамките на меѓународните архивистички организации и асоцијации.
-Ова се први мали, но значајни чекори на соработка меѓу Државниот архив и Генералната дирекција на државните архиви на Грција, што очекувам натаму да продолжи успешно да се развива. Начелно, разговаравме за реализирање на неколку заеднички проекти во скора иднина, како што е подготовка на изложба на фотографии од крајот на 19-ти и почетокот на 20-от век. Во таа смисла го спомнавме и творештвото на браќата Манаки. Со соговорниците, кои ги поканивме наскоро да дојдат во Скопје, што беше со задоволство прифатено, се договоривме да подготвиме и да потпишеме заеднички Протокол за соработка меѓу овие две институции, со што односите би добиле и соодветна правна рамка, нагласи директорот на Државниот архив, Емил Крстески по средбата и разговорите во Атина во Генералната дирекција на државните архиви на Грција.