После вчерашниот прв училишен ден, денес е објавено дека ги имаме првите заразени деца со коронавирус. Ученичка од петто одделение вчера добила позитивен тест на Ковид-19, од основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“, во скопски Аеродром.
-Детето е од повисоките одделенија, не е прваче. Службата се обидува да стапи во контакт со епидемиолозите кои се задолжени за нашата општина и ги чекаме препораките, изјави директорот на училиштето, Марјан Јовановски во изјава за ТВ Сител.
Според епидемиолошката анкета, целото одделение ќе оди во изолација во наредните 14 дена. Наставничката која им предавала е вакцинирана, па така ќе продолжи со онлајн наставата.
Исто така од телевизијата објавија дека во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода, две дечиња од ист клас добиле симптоми на Ковид-19, при што едното веќе има позитивен тест. Поради тоа, сите останати ученици ќе одат во изолација.