ПЦР тестовите да не ги плаќаат административците туку работодавачите, оние кои ќе решат да се вакцинираат да имаат два слободни дена – ова се компромисните решенија за кои владата денеска одлучува. Откако вчера вечерта министерот Венко Филипче се сретна со претставниците на синдикатите, кои жестоко реагираа на мерката што претходно ја продолжи Кризниот штаб, сега предлогот е, меѓу другото, ПЦР тестовите секоја недела да си ги плаќаат работодавачите.
И сето ова можеби донекаде ќе биде во ред, ако важи на ниво на цела држава, односно не само за јавната администрација. Плаќањето на ПЦР тестови на административците, со пари од буџетот кој го полнат граѓаните – е непопуларна одлука. Зошто привилегијата за бесплатно тестирање да биде само во рацете на јавната администрација? Каде се ранливите категории, а ако треба и за учениците? Прашањата се многубројни…
Бесплатното тестирање одамна постои во други земји и се одвива без проблем. Кај нас формално-правно е така, но за закажување термин во државни лаборатории потенцијалните и заразените може да чекаат и повеќе од 10 дена. За тоа време болеста најверојатно ќе мине, а луѓето се принудени приватно да се тестираат.