Виршли, сокчиња за деца, суви смокви, сладоледи, ѓумбир во прав, путер, минерална вода со додатоци и адитиви за пекарската индустрија. Ова се само дел од производите кои биле повлечени од домашниот пазар како небезбедни во текот на минатата година.
Според Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во јануари годинава нема уништена или вратена увезена храна поради небезбедност. Извршени се 4.808 инспекциски надзори од кои редовни 2.474, контролни 306 и вонредни 2.028. Исконтролирани се 3.269 пратки на увезена храна од неживотинско потекло. Вкупно се изречени 369 инспекциски мерки од кои три прекршочни пријави, 312 решенија, 27 едукации и исто толку покани за порамнување со прекршочен платен налог. Спроведени се и 1.094 контроли за пратки од увоз и 322 за пратки во транзит.
Овој месец беа повлечени од продажба чипс од Косово и органско какао од Холандија. Како што објави Агенцијата на 14 февруари, какаото не било пуштено во продажба, ниту дистрибуирано до крајните потрошувачи, но во него била утврдена количина на кадмиум над дозволената, додека чипсот бил достапен на пазарот и во него било детектирано присуство на акриламид.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски тврди дека јадеме безбедна храна. Ништо, вели, не се остава на случајност. Пазарот се следи постојано и се реагира согласно меѓународните стандарди.
Во 2023 година се извршени вкупно 56.951 инспекциски надзор и се изречени 5.642 мерки, 11 кривични и 59 прекршочни пријави. Поништени се 147.415 килограми храна, 38.719 од инспектори и 108.696 килограми од оператори. Уништени биле и три увезени пратки производи од неживотинско потекло „тешки“ 38.636 килограми. Забранети биле 14 пратки од увоз на храна од животинско потекло со количина од 216.979 килограми и од нив се уништени три „тешки“ 4.783 килограми.
АХВ минатата година издала 3.024 сертификати за извоз на храна од животинско потекло и 4.140 сертификати за извоз на храна од неживотинско потекло.