Путин: Откажувањето на Финска од неутралноста би било грешка

Рускиот претседател Владимир Путин му рекол на својот фински колега Саули Ниниште дека би било грешка Хелсинки да се откаже од својот неутрален статус и да влезе во НАТО, соопшти Кремљ.

Путин изјавил дека Финска не се соочува со безбедносни закани и дека потенцијалната промена во нејзината надворешнополитичка позиција може негативно да влијае на билатералните односи меѓу двете земји, пренесува Ројтерс.

Двајцата претседатели телефонски разговарале на иницијатива на претседателот на Финска, кој го информирал Путин за намерата на Финска да влезе во НАТО.

Инаку, денеска и утре, на неформални состаноци во Берлин на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, но и на министрите на Шведска и Финска ќе се одлучува за иднината на двете земји во воената алијанса…

Владеачката финска Социјалдемократска партија денеска ќе го соопшти својот став за евентуалното приклучување откако државниот врв на земјата претходно објави дека барањето за членство во НАТО мора да се поднесе без одлагање додека пак Шведската социјалдемократска партија утре ќе одлучува за барањето за членство.

Откако вчера, турскиот претседател Ердоган се закани со можно вето, поради како што изјави поддршката која скандинавските земји ја даваат за Курдите, портпаролката на Белата куќа Џен Псаки изјави дека Вашингтон работи на разјаснување на позицијата на Турција.

Претходна вестКовачевски: Опозицијата итно да го деблокира законот за тутунарите
Следна вестВо Скопје сончево, во западните делови на Македонија попладне дожд и грмежи