Путин се заблагодари на граѓаните на Русија и прогласи изборна победа

Претседателот на Русија, Владимир Путин, ќе го продолжи своето речиси четвртвековно владеење за уште нови шест години мандат. Тоа го покажуваат прелиминарните резултати од гласањето на претседателските избори во земјата кои се спроведуваа изминатите три дена.

По преброени околу 80 отсто од гласовите, поддршка за Путин дале 87 отсто од избирачите. Путин ги поздрави резултатите и им се заблагодари на гласачите, велејќи им дека Русите се „еден тим“, додавајќи дека „изворот на авторитетот во нацијата е рускиот народ“.

На претседателските избори во Русија имаше уште тројца други кандидати кои пак за време на предизборната кампања ниту еднаш не го критикуваа досегашниот претседател, а даваа и поддршка за руската инвазија во Украина.

Путин одржа говор во изборниот штаб и вети дека ќе ја продолжи војната против Украина и ќе ги зајакне руските вооружени сили за време на новиот претседателски мандат. Рече и дека високата излезност на изборите е последица на драматичните настани низ кои поминува земјата.

– Ние сме принудени буквално да ги браниме интересите на нашите граѓани со оружје во раце, рече Путин.

 

Претходна вестГалењето со куче води кон помал стрес и поголема концентрација кај човекот
Следна вестПа нели сигурно ќе победат на избори, зошто сега вработуваат и прават скапи набавки?