Русија го надградува својот нуклеарен арсенал и ги држи стратешките сили на највисока готовност додека Западот води хибридна војна против неа, изјави рускиот претседател Владимир Путин на конференција на високи претставници на одбраната. Путин рече и дека Москва ќе продолжи со својата „специјална воена операција“ во Украина и дека сите обиди да ѝ се нанесе стратешки пораз на Русија се неуспешни.
Русија денеска го повика финскиот амбасадор да се пожали на новиот одбранбен договор што Финска го склучила со САД, со кој ќе им се овозможи пристап до областите во близина на границата со Русија, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
– На амбасадорот му било кажано дека Москва „нема да дозволи зајакнувањето на воениот потенцијал на НАТО на руската граница да остане без одговор, што ја загрозува безбедноста на Руската Федерација, и дека ќе ги преземе неопходните мерки за да одговори на агресивните одлуки на Финска и нејзините сојузници во НАТО“, рече портпаролката Марија Захарова.
Финска се приклучи на НАТО оваа година, што го побара откога Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година. Договорот со САД дозволува брз пристап до американската војска и помош на Финска во случај на конфликт, рекоа официјални лица. Според договорот, американската војска ќе има неограничен пристап до 15 објекти и области во Финска, каде што може да ги складира својата опрема и муницијата, вклучувајќи четири воздушни бази и воено пристаниште.