Радев обвини дека Македонија води политика против европските принципи, Мицкоски му одговори дека поминаа времињата на политичари кои виткаа кичма и коленичаа

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска излезе со став со кој тврди дека политиката на Скопје е насочена против европските принципи.

-Новата влада кај нашиот сосед јасно покажа дека најголемиот страв на политичката класа на оваа земја е да го препознае самото постоење на зборовите „Бугарин“ и „Бугарско“… Ова е политика насочена директно против европските принципи и одлуки донесени со консензус од сите земји-членки, против меѓународните обврски, но пред се против сопствените граѓани, кои јасно ги кажаа своите амбиции за европски развој на земјата, рече Радев во изјава за новинари во Софија.

Тој додаде дека очекува коректни дејствија и од бугарската влада и од европските институции „за одржување на европските принципи и норми во процесот на проширување“.

На ова денеска одговори македонскиот премиер Христијан Мицкоски.

-Жалам што од страна на источниот сосед доаѓаат вакви пораки. Јас мислам дека ваквите пораки се дел од средниот век, но во современа Европа во 21 век постоеле вакви политичари како Радев. Јас сум подготвен да седнам и со едниот и со другиот. Му посакувам на Борисов да ја формира владата, затоа што доаѓаме од Европската народна партија. Но, исто така источниот сосед треба да знае дека поминаа времињата на политичари кои виткаа кичма и коленичаа, и потпишуваа се што им беше ставено на маса, а во исто време со европско знаме го ограбуваа народот. Треба да се навикнат на политичари кои работат деноноќно, и политичари кои немаат намера да виткаат кичма, немаат намера да потпишуваат се и сешто, туку политичари кои се подготвени да разговараат врз основа на документи и факти. Сум за тоа да се градат односи и мостови со соседите, и да се почитуваме. Не можеме да бидеме добри соседи ако немаме почитување, рече Мицкоски за време на посетата на скопско Драчево.

Мицкоски уште еднаш го повтори Судот за човекови права во Стразбур за постоење на македонски малцинство во Бугарија.

-Па денеска имаме неоспорен факт преку Судот за човекови права во Стразбур е потврда, а тоа е дека, постои македонско малицнство во Бугарија. 14 пресуди од Судот за човекови права се донесени, дека постои македонско малицнство во Бугарија чие право да се организираат во невладина организација, не да бидат во Уставот, во невладина организација, за жал од ваков тип на политичари каков што е господинот Радев е оневозможено. Јас повикувам на добрососедски односи на двонасочна улица, заеднички да најдеме решение, бидејќи ние како добри соседи треба да разговараме, врз основа на аргументи и факти, да не го политизираме ова и сведуваме на ниски страсти, овој народ направил многу за европската иднина и очекувам Европа да му врати на овој народ и на оваа држава, додаде Мицкоски.

Претходна вестМВР поднесе кривична пријава против Самка Ибраимоски
Следна вестПрилепчанец упатувал заканувачки пораки на странска амбасада