Грејната сезона ќе продолжи до 30-ти април, најави денеска Марко Бислимовски претседател на Регулаторната комисија за енергетика. Во изјавата за ТВ 24 тој рече дека корисниците на парно греење во градот Скопје ќе имаат топли радијатори, имајќи ги во предвид температурите кои овие денови драстично се намалија во споредба со топлото време кое беше во последниве десетина дена.
-Додека имаме најава дека дека ќе имаме просечни температури 12 степени, апсолутно ЕСМ производство ќе си работи и ќе произведуива топлинска енергија а тоа значи граѓаните да бидат без грижа до 30-ти април до кога се исполнети условите секогаш ќе имаме топлинска енергија, нагласи Бислимовски.
Оваа информација ја потврдија и од државната ЕСМ која е надлежна за парното греење во главниот град. Од енергетската компанија велат дека од утре веќе се создадени услови за испорака на топлинска енергија.
-Конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите по 15 април секојдневно носи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ ако се исполнети условите за снабдување со топлинска енергија, односно доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12°С според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи, велат од ЕСМ.