Македонија е полна со многу историски датуми од разни области. Ги има и во спортот. Токму на денешен ден пред 30 години се случи таков историски настан.
Беше третата минута од фудбалскиот натпревар. Топката беше на десната страна кај македонскиот првотимец Кирил Грозданов, па стигна лево кај Дарко Панчев. Тој, веднаш ја упатува кон петерецот на голот на словенечката репрезентација каде умешно налета Зоран Бошковски – Чоко и…. ГОЛ! Словенечкиот голман беше матиран, а историјата испишана.
На трибините на стадионот во Крањ, Словенија ерупција на присутните македонски навивачи, воодушевување и во Македонија кај гледачите пред малите екрани, извици „Македонија“, „Македонија“, развиорени знамиња…
На таков начин на 13-ти октомври 1993 година почна првиот натпревар на фудбалската репрезентација на Македонија. Противник беше најдобрата репрезентација на Словенија, со која Македонија беше дел од поранешната заедничка југословенска федерација. Пред мечот на кој присуствуваа околу 3.000 гледачи за првпат се интонираше и македонската химна на еден репрезентативен фудбалски натпревар.
Историскиот гол кој го постигна Бошковски, тогашниот фудбалер на ФК Силекс, само беше убава најава за подоцнежниот триумф. На крајот од натпреварот Македонија победи со 4 : 1, а потоа следуваа головите на Панчев (37.минута), Чеде Јаневски (48.минута) и на Драган Канатларовски (51.минута). Почесниот гол за домашните беше дело на Пате (40.минута).
Во аналите остана запишано дека тогашниот селектор Андон Дончевски на тој натпревар им даде шанса на следните играчи: Зоран Мицевски, Кире Грозданов (63. Неџмедин Мемеди), Зоран Јовановски, Драган Канатларовски, Илија Најдоски, Чеде Јаневски, Зоран Бошковски (86. Ванчо Мицевски), Љупчо Марковски, Дарко Панчев, Бобан Бабунски (12.Горан Георгиевски, 73. Саше Милошевски) и на Тони Мицевски.
– Горд сум на голот-првенец за Македонија, ќе го паметам засекогаш. Дарко Панчев нафрли од левата страна, јас ја следев акцијата, натрчав на топката и гол, радоста беше голема. Прв меч за Македонија, под ново знаме, химна, тоа беше нешто посебно, не се заборава, истакнуваше потоа Зоран Бошковски – Чоко.
По тој меч во Крањ со Словенците, во Скопје македонските фудбалери одиграа уште еден дуел со Словенија на кој пак победија со 2:0. Во Тетово набрзо се одигра и пријателска со Албанија каде нашите фудбалери демонстрираа надмоќ и победија со 5-1.
Во 1994 година, Македонија станала членка на ФИФА, на УЕФА и на Балканската Фудбалска Федерација. Националната репрезентација со официјални активности започнала во 1994 година, во квалификациите за ЕП 1996. Оттогаш наваму, Македонија учествува во сите натпревари на УЕФА и ФИФА.
Прв официјален натпревар Македонија го одигра со Данска при што резултатот беше 1:1, а првиот гол во официјален натпревар го постигнал Митко Стојковски.