Ракометарите загубија од Србија на последниот тест во Стара Пазова

Заврши првата фаза од подготовките на македонската ракометна репрезентација, Момците на селекторот Лазаров загубија од Србија на последниот контролен натпревар во Стара Пазова. Овој дуел влета во програмата по откажувањето на Саудиска Арабија.

Србија го доби дуелот со „црвено-жолтите“ со резултат 34-29, што е прв пораз за Македонија во првата етапа од подготовките за Светското првенство кое започнува по нешто повеќе од две недели. Претходно македонската селекција ги совлада српските суперлигаши Нови Београд и Динамо Панчево, во натпревари трипати по триесет минути.

Нашите репрезентативци се враќаат во Македонија каде ќе продолжат со редовни тренинзи, а потоа следува и пријателскиот натпревар со Хрватска.

Македонија го почнува настапот на Светското првенство на 15 јануари, во дуел со селекцијата на Унгарија. Во нашата група се уште Холандија и Гвинеја.

Претходна вестЦрните кутии на авионот на Азербејџан ерлајнс ќе бидат испратени во Бразил на истрага
Следна вестМицкоски: Се враќаат граѓаните кои ја напуштија Македонија