Македонската женска ракометна репрезентација ги дозна своите противнички во групната фаза на Европското првенство. Нашата селекција се најде во група со Шведска, Унгарија и Турција, а со оглед на тоа што имаме земја домаќин, турнирот ќе го играме во Дебрецин.
Инаку, овој континентален собир ќе се одржи во три земји, Австрија, Унгарија и Швајцарија од 28 ноември до 15 декември и е првиот на кој ќе настапат 24 репрезенации. Нашата селекција, која по вторпат во низа обезбеди пласман на големиот континентален собир, ќе игра во рамки на групата А.
Првиот натпревар на ЕП го играме против Шведска на 28. ноември, два дена подоцна ќе се сретнеме со Турција, а последен меч во групната фаза ни е дуелот со домаќинот, Унгарија, средба која е закажана за 2. декември. Првите две репрезентации од групата продолжуваат во следната рунда, додека преостанатите две си заминуваат дома.
Во истиот град во кој играме ние, ќе биде и групата Б во која се наоѓаат Црна Гора, Романија, Србија, Чешка.
Останати два града во кои ќе се игра првата фаза се Базел и Инсбрук, па така, во швајцарскиот град ќе се соочат Франција, Шпанија, Полска, Португалија во рамки на групата Ц, додека Данска, Швајцарија, Хрватска, Фарски Острови ќе ги одмерат силите во групата Д. Што се однесува до Инсбрук, таму ќе играат преостанатите две групи, односно Норвешка, Австрија, Словенија, Словачка во рамки на групата Е, додека Холандија, Германија, Исланд, Украина ќе се соочат во групата Ф.
Втората рунда ќе се игра во Дебрецин и Виена, додека разврската за медали ќе се случува само во Виена.