Ракометната федерација на Македонија и потврди дека РК Аеродром повеќе нема да се натпреварува во плеј-аут сегментот на Суперлигата. Главната причина е бирократска, па во билтенот на РФМ потврдија дека клубот не ја извршил обврската за трансформација на спортскиот субјект од „здружение на граѓани“ во „акционерско друштво“, па според законот за спорт нема право за настап. Освен тоа, челниците на федерацијата потврдија дека сите преостанати натпревари во плеј-аут фазата ќе се регистрираат со службени 10-0 и бод минус на контото на аеродромци.
– Согласно доставената информација и известување од страна на Комисијата за лиценцирање при Ракометна Федерација на Македонија, во врска со постапката за финализирање на административните формалности за процесот на трансформација на Здружението на граѓани Ракометен Клуб Аеродром во трговско односно акционерско друштво, на состанокот одржан на ден 12.02.2024 година се констатираше дека Здружението на граѓани Ракометен Клуб Аеродром ја нема исполнето законската обврска за трансформација на спортскиот субјект од здружение во трговско односно акционерско друштво согласно Законот за спорт член 6-а и член 9-а.
Во однос на неисполнувањето на законските одредби од Законот за Спорт, а по претходно утврдено од страна на органи и тела на РФМ , Натпреварувачката комисија испрати известување до Здружението на граѓани РК Аеродром дека нема право да го продолжи натпреварувањето во систем на натпревари во натпреварувачка сезона 2023/2024 година на Ракометна Федерација на Македонија, а сите останати натпревари предвидени во натпреварувачкиот календар ќе бидат регистрирани со 10:0 (-1 бод) во корист на противничката екипа, пишува во билтенот на РФМ.