Што ќе се случи во 2030-та година? Ново проширување на ЕУ или нова неисполнета најава на евробирократите во однос на земјите од т.н. Западен Балкан?
Оваа дилема се појави откако завчера првиот човек на Европскиот совет Шарл Мишел испрати порака дека за седум години ЕУ мора да биде подготвена за ново проширување. Но, брзо дојдоа и други – поразлични пораки. Францускиот претседател Емануел Макрон истиот ден во Париз кажа дека приоритет сега треба да биде реформирањето на ЕУ, нејзината еволуција во унија со „повеќе брзини“, а од бриселското седиште на ЕУ, пак, порачаа дека „не се фокусирани на датум“ туку дека е поважно вреднување на „индивидуалниот пристап“…
И сега на што да веруваме? Какво искуство до сега имаме со ЕУ околу доделувањето на датум за думот кога ќе дојде датумот за влез во Унијата и што тоа децениско искуство ни кажува?
Одговор даде албанскиот премиер Еди Рама:
–Не верувам дека во 2030 година ќе бидеме во ЕУ, рече Рама.
Тој дури беше и ироничен кога додаде дека ако се земе како основа за членство во ЕУ која земја е во војна, тогаш, според него, сите земји од Западен Балкан би се нападнале меѓусебно, само за да станат дел од унијата.
– Гледајќи го конфликтот во Украина и нејзиниот забрзан пат кон ЕУ, се прашувам: кој кого треба да напаѓа на овој панел за побрзо да влезе во Унијата, како што тоа го направи Украина? И така ќе бидеме подготвени да влеземе заедно со Украина, рече Рама.
И српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ вчера, категорично кажа дека не верува оти Западен Балкан ќе стане дел од ЕУ до 2030 година.
-Би бил радосен тоа да е точно. Би бил радосен толку внимание да посветевте во 1990 година пред војната, бидејќи можеби немаше да се случи. И сега се зборува после војната во Украина, нам не ни треба ништо после војната, ни треба нешто пред војна, рече Дачиќ.
Тој додаде дека не верува во претстојната европска интеграција на регионот бидејќи критериумите постојано се менуваат, а не се почитуваат договорите на кои ЕУ е гарант, како што е Договорот од Брисел.
Но, за разлика од убедувањата на албанскиот премиер и на српскиот министер, првиот човек на македонската Влада Димитар Ковачевски е цврсто убеден дека во 2030-та година ќе се случи проширувањето.
-Уверен сум дека С. Македонија покажа оти може да носи тешки и храбри одлуки и по секоја од нив излеговме како посилна земја. Од старите земји кандидатки, сме најдобри во многу аспекти во смисла на имплементирањето на европското законодавство, микро финансиската стабилност што е докажано од ЕУ и инструментите на ЕУ. Затоа велам дека 2030 е остварлива како цел, рече Ковачевски на панелот на кој учествуваа и останатите премиери од Западен Балкан.
Реален ли е оптимизмот на Ковачевски? Зарем толку се заслепени Рама и Дачиќ и не ја гледаат фината перспектива – иднина што ја гледа македонскиот премиер? Или пак можеби Ковачевски веќе добил дополнителни цврсти гаранции дека овој пат ЕУ ќе го исполни ветеното, а не како по менувањето на името на државата заради инсистирањето на Грција?
Ковачевски мора да им дообјасни на македонските граѓани. Ајде, нека не израдува, ако веќе има гаранции и е сигурен во датумот за датумот нека образложи – покаже убаво, не е убаво сите во Македонија да сме во непотребен грч.
А не е лошо својот оптимизам да го сподели и со Рама и Дачиќ, не е добро соседите да ни се неосновани песимисти кои само непотребно и мрчат на ЕУ.