Различни перцепции или различни вистини: што стои зад различните изјави на надлежните во врска со канадерите и противпожарните возила што ги има Македонија за справување со пожарите? Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, нагласи дека имало потреба од повеќе противпожарни возила ама оти во целина ситуацијата била добра а и се зголемил и бројот на пожарникари.
– Тоа е нешто што ќе придонесе да се подобрува овој сегмент. Сепак, има многу подобрување. Ако го споредиме бројот на лица кои беа вработени како пожарникари во 2017 година и сега, тој број е зголемен повеќекратно во рамки на противпожарните бригади. Тоа покажува дека се зголемува капацитетот, пред сè човечкиот потенцијал кој е важен, рече Спасовски.
Друга вистина пак обелодени директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Бесим Макесути, кој нагласи дека канадерите што ги има во Македонија не се користат, оти не се сервисирани – сервисот бил скап. Од друга страна алармантно е дека противпожарните возила се над 200 и се со просечна старост од 28 години.
– Канадерите не се сервисираат во земјата, а би сакал да споделам дека уште пострашно е што во досегашната пракса се појавува само еден оператор кој од година во година ни ги зголемува побарувањата, кои се надвор од буџетските средства кои Дирекцијата ги има. Ние секоја година од операторот добиваме поголемо побарување за 30 до 40 отсто. Ни одат премногу средства, а не добиваме навреме сервисирани и готови авиони за гаснење пожар, вели Максути.
Различните настапи на двајцата функцинери само зборуваат за очигледна некоординираност на клучните фактори, што е недозволиво особено во сезона на пожари. Дали и што се презема на терен нема конкретни информации.