Од денеска до 17 ноември се бира меѓународна консултантска компанија за проектирање, надзор, дефинирање на бизнис план, основнот проект.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, вечерва, одговарајќи на пратенички прашања во Собранието, информираше дека е распишан тендерот за изградба на досега наjголемиот откупно-дистрибутивен центар во Гази Баба во Скопје. Изградбата на центарот ќе чини околу 20 милиони евра.
– Од денеска до 17 ноември се бира меѓународна консултантска компанија за проектирање, надзор, дефинирање на бизнис план, основнот проект. Ова е доказ дека не зборуваме само декларативно, туку на дело се случува. Ги повикуваме компаниите да се јават на тендерот, рече Николовски.
Посочи дека тоа ќе биде најголемиот капитален проект во земјоделството заради тоа што на обиколницата околу Скопје ќе има модерен дистрибутивен центар којшто ќе чини околу 20 милиони евра и ќе го покрива целиот овој регион.
Николовски додаде дека веќе тече и тендерската постапка за центрите во Струмица и во Ресен.
– Тие се три главни центри кои што треба да ги поврзат сите главни клучни земјоделски региони. Тие ќе ги променат навиките на земјоделците, ќе променат се во земјоделството, заради тоа што ќе бидат место каде што ќе се најде и понудата на земјоделските производи, нивното пакување, калибрирање, ќе има ладилници…., рече Николовски