Се зголемува бројот на српски граѓани кои Македонија ја доживуваат како пријателска земја. Србите имаат најдобри односи со Унгарците, а за непријатели ги сметаат Британија и Хрватска. Во споредба со претходните истражувања за пријатели на Србија, најголем процент од испитаниците во мај 2023 година ја споменувале Унгарија, а најмалку Босна и Херцеговина. Македонија полека добива сѐ поголема популарност во набљудуваниот период (од март 2018 до мај 2023 година).
Грција падна од првото на второто место (20 отсто), а секој десетти испитаник не гледа ниту една земја за пријател на Србија. Само 5 отсто од анкетираните граѓани рекле дека Германија е најголем пријател на Србија.
За 26 отсто од испитаниците, Велика Британија е најголемиот непријател на Србија (со исклучок што таа веќе некое време не е членка на ЕУ), додека Хрватска е на второ место во ова истражување со 17 отсто.
Според 11 отсто од анкетираните, Германија е нивен непријател, додека една петтина не гледаат ниту една земја во Европската унија како непријателска кон Србија.
Членството на Србија во ЕУ го поддржуваат 46 отсто (главно испитаници на возраст од 45-59 години), 37 отсто имаат спротивно мислење, додека 17 отсто од нив не се изјасниле, покажуваат резултатите од анкетата на Институтот за европски работи, јави дописникот на МИА од Белград.
Скоро половина од испитаниците (48 отсто) кажале дека Србија не треба да се откаже од членството во ЕУ, а 33 проценти мислат обратно, додека 19 отсто немаат став за тоа.
Доколку утре се одржи референдум за членство на Србија во ЕУ, 44 отсто од испитаниците се изјасниле дека би гласале за влез на Србија во Европската Унија, додека 30 отсто од полнолетните граѓани би гласале против, а 10 отсто би биле воздржани.
Според истражувањето, три петини сметаат дека Србија има корист од соработката со ЕУ, а на скалата од 1 до 5 на односот меѓу Србија и ЕУ просечната оценка е 2,79.
Во Македонија на повеќе истражувања, граѓаните се изјаснуваа дека Србија е наш најголем пријател.