Раздор во ДОМ, Ана Петровска најавува битка за докажување дека се работи нестатутарно

Разрешувањата од функциите кои вчерa беа направени во владејачката партија ДОМ се извршени на нестатутарен начин, а јас внатре во партијата ќе ја продолжам битката за да го докажам тоа и за промени во партијата, ни изјави денеска Ана Петровска, доскорешен потпретседател на оваа партија.

Таа, заедно со потпретседателот Мирослав Богдановски вчера беа разрешени на седницата на партискиот Централен одбор, Тргнати се и од членството во партискиот Извршен одбор.

Од членството во Извршниот одбор разрешена е и Јасмина Пакашки. До ова дошло откако тие побарале да се свика Вонреден конгрес поради фактот што на партијата и биле потребни промени во начинот на организирање и функционирање, како и воведување групно претседавање преку ко-претседатели, со цел, како што велат, да се воведат позитивните демократски практики од Европските Зелени. Тие тврдат дека за ова имаат обезбедено поддршка со собрани потписи на повеќе од половина членови од Централниот одбор на ДОМ, вклучително и тројца потпретседатели на партијата и на повеќе од 2/3 на општинските организации на ДОМ што е многу повеќе од потребните услови согласно Статутот.

– Раководството на ДОМ веќе извесно време поттикнува разединување помеѓу членството и поттикнува недоверба. Со цел воспоставување конструктивен дијалог и носење статутарни одлуки за поинакво организирање и јакнење, тројцата потпретседатели, повеќе од половина членови на централниот одбор и две третини општински организации инициравме одржување вонреден конгрес. На вчерашната седница на Централниот одбор требаше да дискутираме за овие процеси, наспроти тоа се гласаше недоверба на иницијаторите, изјави за „Скопско ехо“ Петровска.

Петровска, која инаку е директор на Државниот инспекторат за животна средина во рамките на Министерството за животна средина ни рече дека не е разрешена од партијата туку од раководните функции во неа.

-Сепак, дали ќе останам на функцијата Директор на државниот инспекторат за животна средина ќе зависи од договор во коалицијата. Засега продолжувам да работам со истиот интензитет и посветеност, ни рече таа.

Претходна вестЗошто ние Македонците сме одделна нација
Следна вестOд полноќ пониски цени на еуросупер БС-95 и на мазутот