Разговорите со Бугарија за изнаоѓање решение за отворените прашања и надминување на ветото за ЕУ ќе продолжат веднаш што се формира влада во Софија по предвремените избори во земјата одржани порано овој месец.
Одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција по Регионалниот економски форум во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“ претходно позната по неформалното име „Мини Шенген“, премиерот Зоран Заев укажа дека и Бугарија е добредојдена да се приклучи на оваа иницијатива иако е членка на ЕУ.
-Посакувам Бугарија навистина да направи влада. Тоа е добро и за Бугарија и за бугарскиот народ, секако и за регионот. Добро е и за Северна Македонија. Штом ќе се направи влада, ние рековме продолжуваме да разговараме се додека најдеме решение. И како што ние и нашите граѓани сега одат со лични карти низ нашите граници, каде што ги разменивме ресурсите за справување со катастрофи, па ќе можат и тие да се приклучат доколку сакаат. Затоа што ова е Балкан. Иако се земја членка на ЕУ, зошто не. Така што ова го испраќам како порака дека мал ни е регионот, мораме да соработуваме, да си помагаме, пред се, заради нашите граѓани, а секако и понатаму да се интегрираме затоа што тоа, исто така, носи придобивка за нашите граѓани, одговори Заев, прашан дали очекува по изборите во Бугарија да се придвижат работите.