Не сум некаков „убиец“ на животни, вака било правено и во минатото, запазени се сите законски процедури и ова е директен атак врз мене, изјави денеска Кристијан Стаменов, разрешениот директор на Зоолошка градина – Скопје. Тој е сменет и заедно со уште пет други лица доби кривична пријава од МВР по колењето на десетина коњи во кругот на ЗОО за да послужат како храна за лавовите.
Стамено со обрати со јавноста со изјава во која го објаснува целиот случај. Тој наведува дека во Зоолошката градина работи повеќе од 12 години како самостоен зоо негувател. Со Одлука за отстапување на стока од 11.07.2022 година од Управата за извршување на санкциите КПУ – Идризово Скопје според Решение за отстапување на стока од Агенцијата за управување со одземен имот бр. 09-2328/1 од 08.06.2022 година и Решение за отстапување на стока бр. 09-2201/1 од 31.05.2022 биле отстапени вкупно 12 коњи од КПУ Идризово во Зоолошката градина, поради немање на соодветни услови за чување на истите. Овие животни биле претходно запленети од дрвокрадци, шверцери на наркотични средства итн.
-Според важечка одлука на Управниот одбор на Зоолошката градина Скопје од кој последните 20 год или откако постои оваа установа се врши таканаречено „економски искористување“ на животни кои во консултација со стручните лица од Зоолошката градина се во состојба пред умирање, болни, со видливи неизлечиви рани, инфекции и крајно изнемоштени животни кои не можат да бидат рехабилитирани. Наспроти сите јавни пишувања на поединци морам да истакна дека ова не е прв случај, вакви случаи во минатото се бројни лично сум учествувал како зоо негувател во ваква постапка и во времето на претходниот директор на Зоолошката градина. Крајно лицемерна е осудата која доаѓа кон мене токму од истите лица кои ова економско искористување го имаат и самите правено и тоа не само на коњи, туку и на останати животни, пример за тоа е жирафата која е дадена како храна за лавовите, потенцира тој.
Стаменов наведува дека за разлика од претходни години сега над животните кои не можат да се спасат или боледуваат се спроведува навистина хуман третман.
-Можеби во јавноста овие теми не се популарни, но предметите на јавни набавки за месо кои ги спроведуваат сите зоолошки градини во светот доаѓаат дури и од здрави животни. Во Хамбург, Љубљана, Загреб, Дрезден и многу други европски метрополи спроведуваат ваков вид на хуман третман на болни животни, кои се во опасност од умирање, рече сменетиот директор.
Тој е ги одбива сите напади и квалификации.
-Сакам изрично да одговорам на сите напади: Никогаш ниту сум имал намера ниту сум помислил да мачам изнемоштувам или убивам животни. Како зоонегувател сум посветил над 12 години од мојот живот на само на заштита на животните. Ова што се случи и фамата која се крена во јавноста ги оценувам како злоупотреба на постапката за хуман третман која ја спроведува со години истава институција, а вклучително и секој директор на истата. Ова е директен атак против мене и моето добро работење кое резултираше со досега невидени позитивни ефекти за оваа институција, ова е напад кој можеби е и дополнителен политички притисок за мое обезвреднување. Запазени се сите законски процедури во оваа постапка која не е нималку популарна, но која е одраз само на правилно спроведување на заштитата на животните. Јас мојата невиност ќе ја докажам пред институциите, и секогаш ќе имам неизмерна љубов кон сите животни, нагласи Стаменов.