Македонија повеќе од една деценија добива датум од Брисел кога ЕУ ќе ни даде датум од кој ќе започне датумот за приближување до Унијата. И така „Датумот“ стана како икона на која овдешните функционери се молат.
Сепак, напредуваме, сега работите се малку сменети, сега македонските функционери ни даваат датум кога ќе се влезе во Унијата. Определија дека тоа ќе биде 2030 година.
Се чини дека ова прв го вети вицепремиерот Бојан Маричиќ, кој пред неколку месеци истакна:
-Сметам дека 2030 како датум е добро поставен и треба да биде мотив кој ќе не води низ процесот и во зададениот рок успешно да го завршиме процесот на преговори, вели Маричиќ.
Наскоро на ова се надоврза и премиерот Ковачевски:
– Преговорите треба да се одвиваат со забрзана динамика и што побрзо да се затворат. Завршување на преговорите до 2030 година е цел која е достижна, рече Ковачевски.
Во меѓувреме, состојбата во Македонија е се полоша, проблеми премногу, Владата слабо ги решава, ама вчера и претседателот Пендародски кажа дека светлата иднина ја гледа во 2030 година:
-Дали е можно членство до 2030? Можно е. Ние имаме внатрешен потенцијал, имаме паметни луѓе, имаме искуство, имаме одамна поставено систем за преговори и сме најдобро, неспорно најдобро, подготвен кандидат во историјата на Европската Унија, остакна претседателот Пендаровски.
Реално ли е ова што го зборуваат тројцата функционери? Навистина ли Македонија е подготвена за така брз крај на сериозните преговори кои соседните земји ги водат со години и уште се на почетокот?
Сепак, освен ова прашање се наметнува и друго, можеби и поважно: реално, подготвена ли е ЕУ и сака ли воопшто проширување во овој временски интервал?
На ова прашање малку како да се подзадумал и Пендаровски:
-Не знам дали ЕУ и по завршување на војната во Украина, ќе го задржи фокусот врз регионот, рече претседателот.
Е, па, прашува ли тој или Маричиќ во Брисел околу тоа, бараат ли одговори, па и гаранции дека нема Македонија повторно по сите нови исполнети барања и условувања да добие одговор од Брисел– сега ЕУ треба прво внатрешно да се преструктуира, почекајте не, ве сакаме во Унијата, но малку подоцна ќе ја разгледаме вашата кандидатура.
А, ако навистина има место за оптимизам дека 2030 година е конечниот „датум“, тогаш Пендаровски и Ковачевски нека објаснат поубаво на населението за и тоа да почне да се радува. Оти, јавноста во изминативе години беше сведок на бројни лицитирања на државни функционери околу терминот во кој Македонија ќе стане членка на европското семејство. Во 2020-та година тогашниот премиер Зоран Заев изјавуваше дека целиот преговарачки процес може да се затвори за шест години, односно, во 2026-та година. Актуелниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, во 2018 година велеше дека имаме шанса да станеме членка на ЕУ до 2025-та година…
И да, ги слушаа ли премиерот и претседателот силните забелешки на ЕУ за огромната корупција во Македонија? Сето тоа тие ќе го премавнат до 2030 година или мислат дека е доволно да го пеат нивниот најнов хит – „Уставот, Уставот да се смении…“?